На вонредна седница, Владата донесе одлука за прогласување на седумдневна жалост на територијата на целата држава. Властите апелираат до граѓаните да ја почитуваат одлуката, најавувајќи ригорозни казни за непочитување.
Дополнително, Владата задолжи Државниот пазарен инспекторат во следните три дена да спроведе вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти, вклучително кабареа, ноќни клубови и дискотеки, за да се утврди дали работат согласно законските стандарди. Инспекциските наоди ќе бидат доставени до Владата.
Како дел од итните мерки, Владата донесе заклучок за активирање на механизмот за барање меѓународна помош. Истовремено, во координација со Министерството за внатрешни работи и надлежните институции, се прибираат материјални докази за целосно расчистување на случајот. Владата порача дека секој кој свесно придонел за загрозување на човечки животи ќе одговара пред правосудните органи.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите. Во оваа трагедија нема зборови што можат да ја ублажат болката за ненадоместливата загуба. Целиот здравствен сектор е мобилизиран и на располагање за обезбедување медицинска нега и поддршка на повредените“, се наведува во соопштението.
Владата апелира случајот да не се политизира, нагласувајќи дека институциите мора да имаат простор за ефикасно и навремено расветлување на трагичниот настан.