Мицкоски не чувствува политичка одговорност, многумина му велеле Владата не е виновна

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека му било кажано – и тоа многупати – дека народот знае дека Владата не е виновна за трагедијата.

„Многумина ми велат: ‘Не е Владата виновна, таа е нова, едвај седна на фотелјите, а проблемите се таложеле со децении, корупцијата си цвета со генерации’… Но, знаете што? Јас ви велам – без разлика на тоа што толку гласно ми објаснувате дека не сме виновни, мора да покажеме морална одговорност“, изјави Мицкоски, потврдувајќи дека и покрај сите тие „убедувања“, сепак ќе ја преземе улогата на лидер со личен пример.

Тој додаде дека не му е потребна власт по секоја цена – иако, се разбира, е тука да се бори.

„Ако се откажеме, дали ќе му дозволиме на корумпираниот систем да победи? Па, секако дека не! Во наредните денови ќе преземеме низа мерки, активности и одлуки, затоа што тоа им го должиме на жртвите, на нивните семејства, на медиумите, на секој човек во Македонија…“, изјави Мицкоски, најавувајќи одлуки кои ќе остават силен печат.

Премиерот нагласи дека е време за сочувство, за молитва и заедништво, но и за темелно ресетирање на системот кој – како што рече – „нè вовлекува сите и сака да нè проголта“.

„Мора да покажеме дека сме различни. Оваа држава ќе преживее или ќе ја нема. Овој пат нема повлекување“, порача тој.

Осврнувајќи се на реакциите од опозицијата, Мицкоски посочи дека нема намера да дозволи трагедијата да се користи за меѓупартиски пресметки.

„Ова не е битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Ова е битка на чесните против нечесните, без разлика во која партија се. Ова го зборувам за сите чесни луѓе – во ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ, во Вреди, во ДУИ…“, изјави премиерот, нагласувајќи дека е време за пресметка со корупцијата, „исто како што корумпираните го срушија и прегазија она што денеска го гледавме“.

На крајот, тој најави решителни чекори и одлуки кои, како што рече, „јавноста можеби не ги очекува, но промените мора да почнат од нас“.

„Македонија мора да биде посилна од корумпираниот систем“, заврши Мицкоски, изразувајќи благодарност до медицинскиот персонал и соседните земји за поддршката.

Зачлени се на нашиот е-билтен