Во тешка состојба 14 пациенти во бугарските болници, петмина се на интубација

Состојбата на 14-те пациенти хоспитализирани во болници во Бугарија останува критична, а петмина од нив се интубирани, соопшти бугарското Министерство за здравство. Повредените се со изгореници и оштетувања од вдишување жешки гасови.

Во болницата „Пирогов“ во Софија примени се осум пациенти, меѓу кои тројца малолетници (15 и 16 години), а останатите се на возраст од 19 до 31 година. Петмина се на механичка вентилација.

Во Варна, во Воено-медицинската академија, се лекуваат тројца пациенти на возраст од 15, 17 и 20 години, од кои двајца се на респиратор.

Во Пловдив, во болницата „Св. Георги“, примени се тројца повредени (19, 21 и 49 години) со сериозни изгореници и оштетувања од вдишани токсични гасови.

Министерството за здравство на Бугарија обезбеди термини за роднините да добијат информации за состојбата на пациентите, а достапна е и 24-часовна телефонска линија (+359 2 8050 300).

Бугарската амбасада во Скопје соопшти дека ќе обезбеди превоз и сместување за семејствата на повредените што се лекуваат во Бугарија.

Во Македонија моментално се лекуваат 84 повредени, додека во странство се испратени 51, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.

Зачлени се на нашиот е-билтен