Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши е еден од 14-мината за кои обвинителството бара краткотраен притвор. Ова го потврди државниот обвинител Коцевски кој информираше дека предистрагата за трагедијата во Кочани е проширена за шест нови лица.
Тој по 24 часа минати во полициска станица со интервентна полиција беше изнесен и спроведен од полициска станица Карпош во кочанскиот суд.
Јавниот обвинител Коцевски потврди дека ќе се испитува и улогата на локалната полиција, но и на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов кој си поднесе оставка, а попладнево беше на распит пред обвинител, додека дел од другите осомничени беа во истата зграда, но пред судија на претходна постапка кој одлучува за 48-часовниот притвор.
Постапката засега се води за „тешки дела против општата сигурност“ за кое се предвидени затворски казни од најмалку три до најмногу 20 години. Но, се истражува и евентуално примање и давање поткуп, како и незаконска набавка на пиротехнички средства.
Обвинителите издале наредби за повеќе вештачења, обезбедување на видео снимки, документација, а извршени се претреси во министерството за економија и на уште две локации. Обвинителството вклучило и градежна и трудова инспелција, а денеска побарале инспекцискиот совет да лоцира одговорност.
Коцевски ветува брза и ефикасна истрага, а уверува дека пред лицето на правдата ќе бидат изведени сите одговорни.