Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши пристигна во Основното јавно обвинителство во Кочани, откако претходно 24 часа мина во скопската полициска станица Карпош. Новинарите кои известуваат од пред кочанскиот суд соопштија дека додека Бектеши бил спроведуван на распит, градоначалникот на Кочани во оставка, Љупчо Папазов си заминувал. Новинарите, слободното движење на Папазов, (без полициска придружба и лисици на рацете) го протолкуваа како знак дека нема да одговара.
Бектеши е еден од 14 мината за кои обвинителството бара краткотраен притвор. Ова го потврди државниот обвинител Љупчо Коцевски кој информираше дека предистрагата за трагедијата во Кочани е проширена за шест нови лица.
Коцевкси потврди дека ќе се испитува и улогата на локалната полиција, но и на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов кој си поднесе оставка, а попладнево беше на распит пред обвинител, додека дел од другите осомничени беа во истата зграда, но пред судија на претходна постапка кој одлучува за 48-часовниот притвор.
Градоначалникот на Кочани, кој денеска си отиде дома, без полициска придружба, попладнево беше на сослушување пред обвинител во ОЈО Кочани во истрагата за пожарот во дискотеката во којшто животот го загубија 59 лица, а повеќе од 150 се повредени.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски исто така соопшти дека во врска со несреќата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 59 лица се работи на итно процесуирање на 14 осомничени. Тој информираше дека се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик со казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување, што може да се движи до 20 години. Воедно, рече дека се испитуваат дејствија на примање и давање поткуп како и незаконска набавка на пиротехнички средства.