Во февруари беше забележан раст како на депозитите, така и на кредитирањето во банките, според податоците на Народната банка. Вкупните депозити во февруари се зголемија за 11,1% на годишно ниво, што е резултат на зголемениот интерес на граѓаните за депонирање на пари во банките. Истовремено, вкупните кредити пораснаа за 11,5% на годишно ниво, при што најголемиот дел од растот се однесува на корпоративниот сектор.
„Промената на месечно и годишно ниво е целосно резултат на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута паднаа“, велат од Народната банка.
Анализирано по намена, потрошувачките и станбените кредити се најзастапени. За февруари е забележан месечен раст од 0,9% за потрошувачките кредити и 1,2% за станбените, со годишен раст од 8,5% и 13,3%, соодветно.
Автомобилските кредити, пак, се намалени за 0,8% на месечна основа, додека на годишно ниво растат за 6,5%.
Кредитите на кредитни картички се намалени и месечно (за 1,8%) и годишно (за 9,0%).
Тековните сметки и кредити одобрени на други основи забележаа пад на месечна основа од 0,9% и 1,5% на годишно ниво.
