Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на прес-конференција во Бања Лука зборуваше за актуелната политичка состојба во ентитетот и во Босна и Херцеговина, при што најави дека изборите за претседател на РС нема да ги организира Централната изборна комисија на БиХ, туку ентитетската комисија.
Тој истакна дека Република Српска редовно ги исполнува своите обврски, а оваа недела во Народното собрание на РС ќе се расправа за зголемување на платите на буџетските корисници за 223 милиони КМ.
Додик повтори дека односите меѓу РС и институциите на БиХ се замрзнати, нагласувајќи дека продолжува спроведувањето на законите за забрана на дејствување на Судот, Обвинителството, SIPA и Високиот судски и обвинителски совет на територијата на РС, тврдејќи дека тие не се уставни органи.
Осврнувајќи се на Уставниот суд на БиХ, тој го нарече нелегитимен, обвинувајќи дека „сомнителни судии“ постари од 70 години носат одлуки што не се уставни.
– Обвинителите се под влијание на сараевската криминална чаршија, а ова е обид за целосна контрола врз РС – рече Додик, додавајќи дека РС нема да дозволи да ѝ се суди во Сараево.
Тој ја обвини опозицијата во РС за сервилност кон Сараево, што, според него, води кон предавство. Во однос на европските интеграции, Додик изјави дека РС нема корист од нив во последните години, а ЕУ е во криза, поради што треба внимателно да ги одреди своите следни чекори.
На крајот, тој најави дека изборите за претседател на РС нема да ги спроведува Централната изборна комисија на БиХ, туку ентитетската изборна комисија, со што повторно се судри со државните институции.
