Општина Центар продолжува со активностите за подобрување на животната средина и здравјето на граѓаните. Во текот на вчерашниот ден, екипите на општината засадиле нови дрвја на две локации во населбата Капиштец – на улиците „Адам Мицкиевиќ“ и „Васил Ѓоргов“.
„Засадени се нови дрвја во Капиштец, инвестираме во здравјето на центарци и во животната средина“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Во соопштението на општината се наведува дека засадените дрвја се од различни видови, како што се лагистремија индика (индиски јоргован) – декоративен грм со естетски ефект, компресус – зимзелени растенија кои ќе обезбедат зеленило и во зимските месеци, елеагнус – вид на маслинка што создава ефект на жива ограда, како и јавори – листопадни дрвја кои ќе ја збогатат природната средина и ќе ги подобрат визуелните аспекти на урбаниот простор.
„Со садење дрвја во централното градско подрачје ги подобруваме животната средина и квалитетот на животот на центарци. Дрвјата го подобруваат квалитетот на воздухот, се апсорбираат штетните гасови и се намалува загадувањето на воздухот. Изминатава недела садевме садници на повеќе локации низ општината, нашата цел е да создадеме зелени и одржливи урбани простори, што ќе обезбедат квалитетен живот за сите граѓани“, нагласи Герасимовски.
Од општината истакнуваат дека продолжуваат со имплементација на проекти кои ќе ја збогатат зелената површина на територијата на општината, како и со активности за подигнување на свеста за значењето на зеленилото во урбаните средини.