И златото веќе не е сигурна инвестиција, целосен пад на сите берзи

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во неделата дека „понекогаш мора да се пијат лекови“, кога новинарите го прашаа за турбуленциите на глобалните пазари на капитал. Тој додаде дека не влијаел намерно врз пазарната распродажба, иако фјучерсите на берзите укажуваат на уште еден тежок ден.

– Не сакам ништо да пропадне, но понекогаш мора да земете лекови за да поправите нешто – изјави Трамп во авионот Ер Форс Еден, зборувајќи за економските последици од неговите високи царини. Потоа додаде: „Другите земји се однесуваа лошо кон нас, бидејќи имавме глупаво раководство кое дозволи тоа да се случи.“

Понеделникот од кој сите се плашеа: Aзиските берзи во слободен пад
Трамп не покажа знаци на повлекување од својата царинска политика, ниту загриженост поради огромните загуби на Волстрит, каде што само во четврток и петок се избришани речиси 6 милијарди долари. – Што ќе се случи со пазарите, не можам да ви кажам. Но нашата земја е многу посилна – рече тој.

Трамп истакна дека нема да постигне договор со Кина сè додека не се реши трговскиот дефицит на САД: – Ако не го решиме тој проблем, нема да има договор.

Додаде дека разговарал со европски и азиски лидери за царините воведени од неговата администрација и истакна: – Умираат од желба да се договорат. Седнуваат на маса. Сакаат да разговараат, но нема разговор додека не ни платат многу пари на годишно ниво.

Во саботата, американските царински власти почнаа да ги наплатуваат едностраните царини на Трамп од 10% за целиот увоз од повеќе од 180 земји. Поголемите „реципроцитетни“ царини, од 11 до 50% за одредени земји, ќе стапат на сила во среда.

Фјучерсите најавуваат уште еден брутален ден
Во меѓувреме, фјучерсите на Волстрит паднаа за околу 4%, што укажува дека „кланицата“ на пазарите од четврток и петок ќе продолжи и во понеделник.

Aзиските берзи повторно остро паднаа на почетокот на тргувањето во понеделник – индексот на токиската берза потона за 8%.

Цената на биткоинот, кој досега одолеваше на масовната корекција, во неделата навечер падна за 4% и се спушти под 79.000 долари.

Суморните прогнози за глобалниот економски раст, предизвикани од трговската војна, придонесоа за дополнителен пад на цената на нафтата во неделата. Се очекува дека зголемените трошоци поради царините ќе ја намалат економската активност и побарувачката за нафта.

Златото и доларот не се повеќе сигурни засолништа?
Во неделата навечер, цената на американската сурова нафта падна за повеќе од 3% на 59,74 долари за барел, додека „брент“ нафтата на Лондонската берза падна за 2,12 долари – на 63,46 долари.

Дури и златото, кое традиционално се смета за безбедно засолниште, изгуби вредност – цената на унца злато падна за 0,6% на 3.018 долари. Овој пад ги натера трговците да се запрашаат дали инвеститорите повлекуваат добивка за да ги покријат загубите од други инвестиции – што може да доведе до уште подлабока распродажба.

– Обемот и деструктивниот ефект на американската трговска политика, ако продолжи, можат да ја турнат американската и глобалната економија во рецесија – рече Брус Касман од JPMorgan, оценувајќи дека ризикот од рецесија е дури 60%.

Во понеделник, инвеститорите продолжија да го продаваат доларот и да купуваат традиционално безбедни валути – јапонски јен и швајцарски франк. Доларот обично се смета за сигурно засолниште, но тој статус слабее поради неизвесноста околу царините и нивниот ефект врз растот.

Индексот на доларот, кој ја мери неговата вредност во однос на шест други валути, падна за повеќе од 0,4% на 102,48 поени, по падот од 1% минатата недела.

Истовремено, курсот на доларот кон јенот потона за 1,3% на 144,95 јени – најниско ниво во последниве шест месеци. Швајцарскиот франк се зајакна за повеќе од 1%, по скокот од 2,3% минатата недела – доларот изнесуваше 0,85095 франци.

– Со оглед на тоа што САД се во епицентарот на трговската војна, доларот страда од одлив на капитал, а инвеститорите сакаат да ја диверзифицираат својата изложеност кон американската актива – изјави Родриго Катрил, виш девизен стратег во Националната австралиска банка.

Зачлени се на нашиот е-билтен