Трошоците за живот во Македонија пораснаа за 2,7% за една година

Според податоците на Државниот завод за статистика, во март 2025 година трошоците за живот во земјава биле за 2,7 отсто повисоки во споредба со истиот месец лани. Во истиот период, цените на мало бележат пораст од 2,2 проценти.

Месечниот извештај покажува дека инфлацијата, мерена преку индексот на трошоци за живот, во март 2025 во однос на февруари бележи намалување од 1,3 проценти. Овој пад е резултат на пониски трошоци за неколку клучни категории:

храна и безалкохолни пијалаци (намалување од 3%)

транспорт (1,8%)

мебел и одржување на домаќинството (0,6%)

алкохолни пијалаци, тутун и наркотици (0,5%)

разновидни стоки и услуги (0,3%)

И цените на мало во март се намалени за 0,9 проценти во однос на февруари.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, се огласи по повод најновите бројки, оценувајќи дека владините мерки почнуваат да даваат резултати.

„Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. Инфлацијата во март изнесува 2,7% на годишно ниво. Продолжуваме со мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизирање на цените“, објави Дурмиши на Фејсбук.

Сепак, зголемување на трошоците на живот во однос на февруари е забележано кај:

домување, вода, електрика, гас и други горива

облека и обувки (по 0,4%)

ресторани и хотели (0,3%)

комуникации и здравство (0,2%)

рекреација и култура (0,1%)

Цените во образованието остануваат непроменети.

Зачлени се на нашиот е-билтен