Научниците од биотехнолошката компанија Colossal Biosciences, со седиште во Далас, првпат во историјата успеаја да оживеат изумрен вид волк, Aenocyon dirus, кој изумрел пред околу 12.500 години. Овој страшен волк, кој се сметал за инспирација за серијата на HBO „Игра на престоли“, некогаш бил грабливец кој скитал низ Северна Америка.
Со користење на древна ДНК, клонирање и генно инженерство, научниците од Colossal создадоа три млади волци, изменувајќи ги гените на сивиот волк – најблискиот жив роднина на страшниот волк. Резултатот е хибриден вид што изгледа слично на својот изумрен предок.
Страшниот волк бил поголем од сивите волци, имал поширока глава, густа светла длака и посилни вилици. Овој вид бил важен дел од историјата на Северна Америка, но изумрел пред 12.500 години.
„Ова големо достигнување покажува дека нашиот систем за деекстинкција функционира“, изјави Бен Лам, коосновач и главен извршен директор на Colossal. „Нашиот тим користеше ДНК од фосили стари 13.000 и 72.000 години, создавајќи здрави потомци на страшниот волк.“
Трите волци се наоѓаат на локација од 800 хектари, строго чувана и обезбедена со камери и дронови. Со помош на нови гени и методи на клонирање, Colossal и нивните соработници успеале да состават два високо квалитетни генома на Aenocyon dirus.
Процесот вклучуваше внесување на 20 генетски промени во клетките на сивиот волк, кои потоа беа клонирани и пренесени на сурогат-материци. Два машки волка се родени на 1. октомври 2024 година, а женката на 30. јануари 2025 година.
Проектот на Colossal не се однесува само на страшниот волк. Компанијата работи и на оживување на други исчезнати видови, како што се мамутот и додото, а се надева дека истите технологии ќе помогнат за заштита на загрозените видови. Веќе се создадени клонирани црвени воци, најзагрозениот вид на волк, користејќи помалку инвазивна метода на клонирање.
Ова достигнување покажува дека биотехнологијата може да игра важна улога во зачувувањето на видови и обновувањето на исчезнатите животни.