Ерзурум, домаќин на глобален економски форум за влијанието на дигитализацијата врз економијата и креирање на правична иднина

Портата на Анадолија, Ерзурум, ќе биде домаќин на глобалниот Економскиот форум кој ќе се одржи на 26 и 27 април во туристичкиот центар Паландокен, на кој ќе присуствуваат претставници од повеќе земји, меѓу кои САД, Франција, Швајцарија, Велика Британија, Обединетите арапски емирати и други. Главниот акцент на форумот ќе биде ставен на дигиталната трансформација, со посебен фокус на вештачката интелигенција и нивното влијание врз различните економски гранки.



Под мотото „Правична иднина во паметен свет: интелигентните економии и глобалната нееднаквост“, економскиот форум ќе ги собере професионалците од повеќе економски области, претставниците на академската заедница, но и високи претставници на институции кои креираат економски политики од повеќе земји. Во рамките на форумот ќе се одржи и самит на министрите за туризам, а ќе биде отворен и Регионалниот саем за кариера во североисточна Анадолија (KUDAKAF’25).

На сесиите ќе се дискутира за потенцијалите за забрзување на развојот преку користење на иновации и нови технологии, за можностите за економски развој и потенцијалите за туризмот и културата во време на вештачка интелигенција.



На маргините на Економскиот форум учесниците ќе засадат млади садници во име на земјите членки на Организацијата за економска соработка (ЕКО) чија престолнина за 2025 година е токму Ерзурум. Овој туристички центар нуди содржини во текот на целата година. Токму тука се наоѓа и ски центарот Паладокен со легендарните планински патеки и зимски центар со најдолгата скијачка патека во Туркије, која нуди и ноќно скијање.



Ерзурум има и културно историска понуда. Посетителите можат да ги истражат величествениот водопад Тортум, самовилските оџаци во Нарман и античките знаменитости долж патот на свилата, како што се медресата со двојно минаре и џамијата Улу. Ерзурум има исклучително значење и за современата историја на Туркије, бидејќи тука се наоѓа и куќата на „таткото“ на модерната држава Мустафа Кемал Ататурк, како и зградата во која се одржал и конгресот на кој се поставени темелите на државата. Ерзурум нуди и одлична кујна која изобилува со локални специјалитети, како на пример прочуените чаг кебапи од јагнешко месо, кои потекнуваат од овој крај.

Зачлени се на нашиот е-билтен