Повеќе од 60 лица повредени во трагедијата во Кочани сѐ уште се на лекување надвор од државата, а двајца пациенти остануваат во критична состојба. Во македонските болници во моментот се хоспитализирани седум пациенти.
Од Министерството за здравство информираат дека во тек е категоризација на пациентите според нивните потреби за рехабилитација, со цел обезбедување соодветен понатамошен третман.
„Во странски здравствени установи се лекуваат 64 пациенти. Во земјата, хоспитализирани се седум пациенти – четворица на Клиниката за хирургија ‘Св. Наум Охридски’, еден на Клиниката за токсикологија и двајца во приватната болница ‘Систина’“, соопштија од Министерството.
Четири лица во текот на денот ќе се вратат од болницата „Пирогов“ во Бугарија, каде биле на лекување. Од Клиниката за изгореници и пластична хирургија во Софија наведуваат дека за пациентите кои се пуштени на домашно лекување се обезбедени упатства за понатамошна грижа. Останатите четворица пациенти таму се во тешка, но стабилна состојба и се под постојан надзор на интензивна нега.
Инаку, во Бугарија беа пренесени вкупно 15 повредени – осум во болницата „Пирогов“, а тројца во болниците во Пловдив и Варна.
Вчера беше потврдена и 61-та жртва од кочанската трагедија.