Димитриеска Кочоска: Проблемот со царините на САД го имаме само со една компанија и веќе работиме на решение

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска изјави дека македонската економија не е директно засегната од зголемените царини што ги воведоа САД, освен во случајот на една компанија која е силно зависна од извозот на американскиот пазар.

– Станува збор за изолиран случај. Компанијата е директно погодена, но заеднички со Министерството за надворешни работи активно работиме на решавање на проблемот, рече таа на прес-конференција во Владата.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, според неа, е во континуирана комуникација со американските власти, а очекувањата се дека наскоро ќе има позитивен исход.

И покрај воведените царини, Димитриеска Кочоска нагласи дека нивното влијание врз трговската размена е минимално – извозот кон САД минатата година изнесувал нешто над 100 милиони евра, што претставува под еден процент од вкупната надворешна трговија на земјава.

– Подготвуваме измени на Законот за царински стапки и можеме да ги намалиме дури и на нула без тоа да има значително влијание врз буџетот. Тоа е сигнал кој можеме да го испратиме до САД, истакна таа.

Според министерката, недоразбирањето околу царините е резултат на техничка грешка, бидејќи во Македонија не постојат стапки од 65 отсто, како што се појавиле во пресметките на САД. Додаде и дека отсуството на договор за слободна трговија со САД го отежнува решавањето на ваквите ситуации, но дека има напори за склучување на ваков договор.

– Верувам дека ќе успееме да постигнеме договор за слободна трговија, со што ќе се уредат царинските прашања. Во спротивно, ќе разгледаме други мерки, рече Димитриеска Кочоска.

Таа нагласи дека САД, како и секоја држава, имаат право да го штитат своето домашно производство, особено во делот на земјоделските производи. Сепак, потенцираше дека ефектите нема да бидат драстични.

– Промени преку ноќ нема да има. Дури и компаниите кои би биле погодени, нема веднаш да ги отпуштат вработените. Пренесување на капитал и производство не е едноставен процес, нагласи таа.

Министерката ја повика јавноста да не шири паника, посочувајќи дека ниту странските инвеститори лесно ќе се одлучат за отпуштања, ниту пак пазарот на труд во земјава, со актуелниот недостиг на работна сила, остава простор за поголем ризик.

– Не очекуваме отпуштања. Дури и во најлошото сценарио, работниците би нашле нова работа, заклучи Димитриеска Кочоска.

Зачлени се на нашиот е-билтен