Социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, кое преку својата работа ја спојува екологијата со социјалната правда, објави дека го прекинува работењето во општините Карпош и Центар. Причината е административна – локалната самоуправа во Карпош побарала ослободување на просторот што организацијата го користела.
„Од страна на Општина Карпош, беше побарано ослободување на просторот што РЕДИ Рециклажа привремено го користеше согласно Меморандумот за соработка. Поради недостиг на соодветен временски период за пронаоѓање алтернативна локација, приморани сме да ја суспендираме нашата бесплатна услуга за примарна селекција на отпад во овие општини“, наведуваат од организацијата.
Оваа одлука доаѓа по три години ангажман, при што РЕДИ овозможуваше бесплатна примарна селекција на отпад за над 20.000 граѓани – модел кој овозможуваше учество на заедницата во креирањето почиста околина.
„Свесни сме за влијанието на овој прекин врз граѓаните. Последниве денови добиваме бројни јавувања и прашања во врска со укинувањето на услугата. Искрено жалиме што не можевме да обезбедиме континуитет и уверуваме дека сите наши напори се насочени кон пронаоѓање ново решение.“
Повлекувањето на кантите е најавено до крајот на оваа недела, а граѓаните кои сакаат да продолжат со примарна селекција ќе мора да најдат алтернативи – кои најчесто значат повисоки трошоци и поголема логистичка сложеност.
Во позадина на оваа ситуација стои уште една, поважна приказна – таа за интеграцијата на неформалните собирачи на отпад, најчесто Роми, кои преку РЕДИ добиваат формализиран статус и достоинствени услови за работа. Со овој прекин, не е засегната само екологијата, туку и една од ретките инклузивни социјални политики во пракса.