Венс ги нарече Кинезите „селани од кои САД позајмува“

Изјавата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ги нарече Кинезите „селани“ во интервју за „Фокс Њуз“, предизвика голема бурa и револт на социјалните мрежи во Кина. Според Венс, САд позајмува пари од кинески селани за да купиме работи што тие ги произведуваат“, што го објасни како оправдување на глобалните царини наметнати од САД.

Кина брзо реагираше на оваа изјава. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ли Џијан, изрази шок и разочарување, нагласувајќи дека е „шокантно и тажно“ да се слуша такви „неуки и непочитувани забелешки“ од страна на потпретседател на САД.

Коментарите на Венс предизвикаа лавина реакции на кинеската социјална платформа „Веибо“, која е пандан на Фејсбук во Кина. Хаштагот што се однесува на неговите забелешки собра повеќе од 140 милиони прегледи и стана главна тема во понеделникот вечерта.

Еден корисник напиша: „Можеби сме селани, но имаме најдобар брз железнички систем на светот, најмоќните логистички способности и водечката вештачка интелигенција, автономно возење и технологии за беспилотни летала. Дали таквите селани не се навистина импресивни?“

Некои корисници исто така му забележаа на Венс дека неговиот коментар е контрадикторен со неговите мемоари од 2016 година, каде што го опиша своето детство минато во сиромаштија во Апалачија, регион на САД кој чувствувал дека е заборавен од богатата елита.

Зачлени се на нашиот е-билтен