Јавната комуникација на новоизбраниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, лидерот на партијата Македонски концепт, во која доминира екстремен говор на омраза е причина за остри и негативни реакции вчера и денеска.
Заедничка констатација, освен осуда за говорот омраза, е дека неговата комуникација не доликува на функција која во себе ги вткајува европкските вредности.
Наместо визија, идеали и посветеност на младите, неговите јавни пораки на социјалните мрежи зборуваат за нешто сосема друго: за вулгарен, агресивен и омаловажувачки однос кон сограѓаните, а не ретко мета на неговата омраза се и жените.
Рацин.мк консултираше неколку организации кои мониторираат говор на омраза и организации кои се застапуваат за имплементацијата на европски дух и толеранција, и ги праша што значи изборот за директор на личност којашто демонстрира говор на омраза и нетрпеливост за самата институција којашто тој треба да ја претставува.
Од Младински образовен форум, организација која е најблиска до проектите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, замолија нивниот одговор да го пренесеме целосно и интегрално. Еве го нивното мислење:
Се согласуваме со важноста на толеранција и европски вредности во јавната комуникација, особено во институции кои ги претставуваат овие принципи. Говорот на омраза и нетрпеливоста не е соодветен за функции кои треба да промовираат европски дух и разбирање. Осудуваме секаков вид говор на омраза и вознемирувачки говор, и сметаме дека соодветните институции треба да преземат мерки за санкционирање на такви појави. Институциите треба да работат на создавање средина која промовира разбирање и толеранција.
Но, секој на раководна позиција треба да се покаже со квалитетна работа, а преку своето однесување и постапување да даде добар пример. Веруваме дека успешното раководење и имплементација на политики ќе бидат пресудни за оценка на успехот на институцијата и луѓето што ја водат истата.
Како организација која се залага за активно граѓанско учество, ги учиме младите да имаат директен контакт со институциите. Поради тоа сме уверени дека институциите имаат одговорност, што е многу поголема од завршување на основниот делокруг на нивната работа.
Види и: Од „забегани сте“ и „болни“ до директор на агенцијата што управува со парите од „Еразмус“ – Кој е навистина Петар Богојески?
Андреја Стојковски, извршен директор на Институт Преспа, вели дека „никој не заслужува јавни функционери кои поддржуваат таков јавен дискурс“.
„Минатата година пред парламентарните и претседателските избори се ужаснував од нивото на јавниот дискурс, го критикував и своето мислење го споделив со вашите читатели низ моите колумни. Очигледно, мнозинството граѓани не мислат така. Ако погледнеме пошироко, низ Европската Унија, во САД и во некои други држави, мнозинството граѓани не мислат така. Денес на цена се оние политичари и, јавни функционери кои можат да направат сензација. Ако тоа не им успева со нивните политики, тогаш тоа ќе биде преку нивната комуникација“.
Стојковски вели дека примери слични на Богојески има и во самата ЕУ, иако тие повеќе успеваат во некои други држави.
Од другата страна, ЕУ ќе соработува со Северна Македонија поради тоа што државата е корисник на програмите и средствата, вели извршниот директор на Институтот Преспа, па оттаму, „успехот на Богојески нема да се мери според неговиот стил на комуникација туку според капацитетот да менаџира со програмите и средствата и, според успешноста на Агенцијата да повлече повеќе и искористи повеќе средства“.
Во врска со извинувањето, посочува Стојковски, тоа не треба да биде гола фраза, туку целосна промена на начинот на однесување и комуникација.
„На прашањето да ви одговорам со прашање. Што ќе значи за Богојески и оние со кои што тој комуницира (и ги навредува) преку социјалните мрежи, ако тој им се извини, а потоа продолжи да се однесува на истиот начин?“, е ставот на Андреја Стојковски.
Комуниколог Бојан Кордалов укажува дека „секој политичар е важно како комуницира бидејќи токму секоја искажана комуникација остава траги кои остануваат и се неизбришливи“.
Тој вели дека како комуниколог се залага за политичка комуникација која е аргументирана, фактичка и која јасно го искажува она за кое се залагате, а под политичка комуникација влегува односот со медиумите и новинарите, како и комуникацијата која ја имате преку социјалните медиуми.
„За жал, нивото на комуникација кое се случува на дел од социјалните медиуми е под секое ниво, со речник кој најголемиот дел од нас не го користиме ниту во најтешките караници со најблиските, а учеството на политичарите во таквите дискусии е само дополнителен ветер во грб за охрабрување на поларизирачката реторика во целото општество“, посочува комуниколот Кордалов.
За кавга се потребни двајца, предуптредува Кордалов, а секако вината е, вели тој, и кај секој друг кој зад тастатурата (а, многу често и под плаштот на анонимноста напаѓа и навредува или дискриминира).
„Но од моментот кога вие решавате да влезете во политиката е неопходно да бидете тие со ‘поиздржливиот’ стомак. Дали одреден политичар ќе се дообјасни или не е лична одлука, а доколку некој било што прекршил постои јасно пропишана законска одговорност во демократска процедура. Се друго е во доменот на политичката одговорност и последици кои секој политичар сам ќе си одлучи како ќе ги постави“, потенцира Боја Кордалов.
Кордалов препорачува да се има предвид дека од моментот на преземањето на јавна функција, тоа јасно значи дека преку даноците ве плаќа секој еден граѓанин и компанија за да ја вршите таа одредена функција.
„Од оттогаш па натаму, која било навредлива реченица или директно конфронтирање со тие што ве финансираат да работите во нивно име нема веќе да има само морална и политичка, туку и етичка одговорност и доведување во прашање на вршењето на јавната функција или функција“, напоменува комуникологот Бојан Кордалов.
На изборот на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност реагираа и политичките партии на Албанците кои се обединија во осудата на неговиот познат и редовен говор на омраза чија цел е и оваа наша етничка заедница.
Избор од репертоарот:
