По месеци молк, Обвинителството конечно доби одговор од бугарските власти преку меѓународна правна помош за наводите дека сертификатот за англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, е фалсификат. Ова вечерва за ТВ Телма го потврди обвинителот Љупчо Коцевски.
„Можам вечерва да ви соопштам дека конечно одговорот кој го баравме го добивме, но во моментов содржината не можам да ја откријам, бидејќи не упатува да преиспитаме и други околности“, изјави Коцевски.
Христовски е во фокусот на јавноста со месеци поради тврдењата дека при изборот за директор на АНБ во своето CV приложил лажен Тоефл сертификат за познавање на англиски јазик, наводно издаден од образовна установа во Пловдив, Бугарија, за која подоцна се утврдило дека не постои.
Иако случајот беше отворено коментиран од медиумите и за него беа поднесени кривични пријави, Државната комисија за спречување на корупција се прогласи за ненадлежна, а кривичната пријава во МВР, според новинарските информации, завршила во фиока.
Во меѓувреме, МВР поднесе кривични пријави против двајца директори на основни училишта, кои поседувале идентични Тоефл сертификати, издадени од истата непостоечка школа во Пловдив. Тие го признале фалсификатот и добија судски пресуди.