Општина Кочани најави дека започнува со решителна акција против нелегалната градба на својата територија. Вршителот на должноста градоначалник Венко Крстевски порача дека ќе се применуваат еднакви законски мерки за сите, без исклучок.
„Ова е превентивно предупредување. За оние кои ќе продолжат со бесправно градење, ќе следуваат кривични пријави, записници, решенија за отстранување на објектите, а имотот може да биде конфискуван и пренесен во сопственост на државата“, изјави Крстевски.
Тој ги повика совесните граѓани активно да се вклучат во контролата, преку пријавување на сите случаи на бесправна градба до надлежните општински служби.
Законски последици
Согласно Кривичниот законик, градењето на туѓо земјиште без одобрение или спротивно на издадено одобрение се казнува со затворска казна од три до осум години.
Крстевски потсети и на важноста од легалната изградба:
„Со легалното градење се плаќаат комуналии, со кои се полни општинскиот буџет, а тие средства се вложуваат во проекти од јавен интерес – во корист на сите граѓани.“
„Подобро материјално погоден, отколку животно загрозен“
Крстевски признава дека оваа одлука можеби ќе биде дочекана со отпор од дел од граѓаните, но вели дека приоритет мора да бидат безбедноста и јавниот интерес.
„Можеби некој ќе се почувствува ‘оштетен’, но подобро е некој да биде материјално погоден, отколку животно загрозен. Трагедијата во дискотеката нè разбуди сите. Не смееме да дозволиме да жалиме повторно за нешто што можело да се спречи. Ако не ја научиме лекцијата сега – кога ќе ја научиме?“, заврши Крстевски.