Посебен сообраќаен режим и ограничувања околу верските објекти во Скопје

Со цел да се овозможи непречено одбележување на Воскресение Христово – Велигден, Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска најави воведување на времен сообраќаен режим од 18 часот на повеќе локации низ Скопје.

Во центарот на градот и околните општини Ѓорче Петров и Аеродром, по потреба, ќе бидат затворани одредени улици и булевари, особено оние што гравитираат околу црквите.

Конкретно, во централното подрачје, можни се затворања на:

  • Бул. „Партизански Одреди“ (од ул. „Франклин Рузвелт“ до бул. „ВМРО“),
  • Бул. „Св. Климент Охридски“ (од бул. „Илинден“ до ул. „Димитрие Чуповски“),
  • Ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ (од ул. „9-ти Мај“ до кружниот тек со ул. „Св. Кирил и Методиј“).

Промени ќе има и во јавниот градски превоз. Автобусите кои минуваат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе бидат пренасочени преку бул. „Илинден“ и ул. „Франклин Рузвелт“, со приклучок на бул. „Партизански Одреди“. Слична траса ќе се применува и за автобусите низ центарот на градот.

Во Ѓорче Петров, привремено ќе се затвора ул. „Македонска Војска“ пред црквата „Св. Петар и Павле“, а во Аеродром ќе биде недостапен патот што води кон с. Лисиче.

МВР апелира до граѓаните за разбирање и соработка, и најавува дека, во зависност од текот на празничните манифестации, можно е дополнително прилагодување на сообраќајниот режим.

Зачлени се на нашиот е-билтен