ОБСЕ може да помогне во забрзувањето на македонскиот, но и западнобалканскиот пат во евоинтеграциите преку унапредување на малцинските права, согласно фундаменталните документи за малцинствата. Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кристоф Камп, кој по преземањето на функцијата во декември лани, за првпат е во посета на земјава.
Високиот комесар на ОБСЕ изразил подготвеност за експертска помош во креирањето или иновирањето на правната рамка, доколку за тоа има интерес и барање од македонските институции. Понудил експертиза на постојната национална регулатива за заштита на малцинските права, како и на нејзината имплементација.
Претседателката ја реафирмира идејата за изработка на компаративна регионална студија за гарантирањето и почитувањето на малцинските права во балканските држави, вклучувајќи ја и нашата.