Убер планира влез на словенечкиот пазар

Американската платформа за превоз и достава Uber планира да започне со работа и во Словенија, објави Журнал24, повикувајќи се на извори од Министерството за заштита на животната средина, климата и енергетиката.

Од Министерството потврдиле дека веќе се водат разговори со претставници на компанијата, но нагласиле дека за сега не може да се прецизира ниту временската рамка ниту начинот на кој Uber ќе влезе на словенечкиот пазар. Според информациите, Uber веќе стапил во контакт со неколку таксисти.

Од самата компанија за Журнал24 изјавиле дека ја разгледуваат можноста за проширување во Словенија и дека моментално ја „проценуваат ситуацијата“.
„Планираме да ја прошириме присутноста на Uber во земјите од Централна и Источна Европа, а Словенија е едно од можните одредишта. Во фаза на евалуација сме и наскоро ќе објавиме каде ќе бидат достапни нашите услуги. Ако влеземе на словенечкиот пазар, ќе работиме целосно во согласност со локалното законодавство“, соопштија од Uber.

Министерството дополнително потврдило за Журнал24 и Форбс дека биле поканети на состанок од страна на Uber, каде компанијата ги информирала за својата намера да започне со работа во Словенија врз основа на постојните законски рамки.

Инаку, словенечкото законодавство предвидува задолжително користење на таксиметар за сите такси-превозници, додека дигитални апликации како Uber засега не се признати како валиден начин на наплата.

Обидите за внесување на Uber на словенечкиот пазар датираат од времето на владата на Јанез Јанша, кога беше подготвен нов закон за патен сообраќај што ќе овозможеше ваква опција, но со промена на власта тие измени беа укинати. Исто така, во 2022 година, Институтот 8. март поднесе иницијатива со речиси 15.000 собрани потписи, со цел да се спречи повторен обид за влез на Uber преку законски измени.

Традиционалните таксисти, според пишувањата на двата медиуми, не се воодушевени од враќањето на Uber. „Делуваат лицемерно. На секој возач му кажуваат различни услови за работа. Всушност, му зборуваат на секого токму она што сака да го чуе“, изјавил за Журнал24 еден од таксистите што присуствувал на состанок со претставници на Uber.

Uber, наводно, интензивно лобира во Словенија веќе околу два месеца. Иако конкретен датум за почетокот на работа сè уште не е објавен, на состаноците се спомнувал 1 Мај како можен почеток.

Зачлени се на нашиот е-билтен