Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

БИБЕР

Веројатно сите ние си мислиме дека знаеме многу за војните кои ни се случувале, знаеме кој е воновен, ги знаеме „нашите“ страдања и жртви… но дали некогаш сме се запрашале за животот на обичните смртници во тие војни, за личните приказни, за личните страдања на една мајка, на родител, на една жена, на едно дете…, за човекот.

Љуан ИМЕРИ

Во услови кога сме свесни дека постои поделеноста врз основа на етничката припадност,  кога знаењето за „другите“ најчесто ни е базирано на стереотипите и предрасудите што секој од нас ги има, кога комуникацијата или не постои или е на најниско ниво, а сепак   во перспектива гледаме да градиме заедничка иднина, мора да најдеме и да бараме  различни начини и форми да се соочиме со нашето минатото и да градиме подобра, поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.

Секако, промовирањето на мирот како основна општествена вредност и отфрлањето на војната и насилството како начин за решавање на конфликтите мора да биде составен дел од нашето делување.

Пред неколку години, кога случајно ја открив збирката на раскази „Бибер“ и тргнав да ги читам делата, односно кратките раскази од автори и авторки од земјите од поранешна Југославија, немав идеја за начините на кои ова „патување“ ќе ме изненади, ќе ме предизвика и ќе ме одржува. Патување на кое запознав извонредни активисти, читатели, писатели, преведувачи, издавачи, библиотекари и уредници посветени на поддршка на мировната работа.

Литература од земјите во регионот има долга традиција а нејзината вредност ја продолжуваат авторите кои ни се современици, наши колеги, мировни активисти, сограѓани, луѓе со кои заедно го креираме нашиот културен контекст.

Викаат дека читањето, покрај другото, помага и во зголемувањето на емпатија, а со секоја прочитана книга се отвораат нови прозорци. Јас, после секој прочитан расказ чувствував емпатија и ми се отворија многу прозорци, можеби мали, но од тие прозорци гледав реални и искрени слики и емоции.

Веројатно сите ние си мислиме дека знаеме многу за војните кои ни се случувале, знаеме кој е воновен, ги знаеме „нашите“ страдања и жртви… но дали некогаш сме се запрашале за животот на обичните смртници во тие војни, за личните приказни, за личните страдања на една мајка, на родител, на една жена, на едно дете…, за човекот.

Е, токму тоа го најдов тука. Прочитав приказни кои зборуваат за опсадата од детската перспектива, приказни против војната, приказни кои се занимаваат со соочување со минатото, разградување на сликата за непријателите, сочувство со другите. Одлични и храбри приказни кои се осмелуваат да чекорат во „непријателските“ чевли, приказни кои ги поместуваат границите и нѝ отвораат патеки по кои може да зачекориме кон подобра иднина. Приказни на тема помирување во контекст на наследството од војните и насилствата во земјите од поранешна Југославија. Сите раскази на свој уникатен начин придонесуваат кон подобро разбирање меѓу луѓето, намалување на омразата и разградба на предрасудите.

Расказите ги пишуваат автори и авторки кои пишуваат на албански, босански, црногорски, хрватски, српски или македонски јазик, па така на едно место имав можност да ги читам сите овие приказни заедно. Приказни кои се толку различни, а кои сепак имаат многу заедничко. Приказни за кои, доколку не прочитате кој е авторот, ќе бидете сигурни дека тоа се искуства кои му се случувале на некого од „мојот“ народ.

Секако дека е јасно дека со една книга, или во случајот со пет, не можеме да го промениме светот, но е важно помирувањето и изградбата на мир да бидат тема во различни општествени слоеви.

Мировниот активизам преку уметноста односно литературата отсекогаш преставувал моќна алатка која може да привлече внимание за најгорливите политички и општествени прашања. Како културен пристап е инхерентно ненасилен. Такви се и овие приказни. Тие се  насочени кон срцата и умовите на секој од нас, а не кон владите и парламантите на нашите држави. Целта не е да се принуди некој на едногласност и усогласеност, што уметноста никогаш и не може да го направи, туку преку овие приказни и потресни искуства да се поттикнуваат луѓето да го преиспитаат светот таков каков што е, да замислат свет каков што би можел да биде и да се здружат за да го направат тој нов свет реален. Мирот е убава цел за сите да се здружиме и да работиме кон суштинско постигнување. Мирот не е само отсуство на војна. Борбата за мир мора да продолжи и  ова е заедничка борба на сите нас.

Зачлени се на нашиот е-билтен