Indicta causa (Осуден во отсуство) – најнова поетска книга од Сашо Гигов-Гиш

Книгоиздателството „Бегемот“ соопшти дека излезе од печат книгата „Indicta causa (Осуден во отсуство)“ од Сашо Гигов-Гиш.

Станува збор за најновата поетска збирка на Сашо Гигов-Гиш за која поетот Ѓоко Здравески вели: „Во поезијата на Сашо Гигов-Гиш најарно е да се влезе со предзнаење или ич да не се влегува за да не се почувствува човек во читањето како изгубен Германец. А можеби и поарно е да се влезе без никакво знаење, со отворен ум и без комплекс дека не се знае, како љубопитно дете, па низ херменевтичка авантура, малку по малку, трпеливо да се разгатнува тој свет од симболи, референци, алузии, скриени врски, замки за непосветениот и невнимателен читател, па во сиот тој раскош од знаење да се поднаучи макар по нешто за античката литература и философија, за класиците во ликовната уметност, за џезот, за Мајлс Дејвис, за Пикасо, за Буњуел и Дали, за Сјоран, за Блејк, за гностиците, богомилите, дервишите. Зашто Гиш каков што е во животот, таков е и во поезијата: раскошен во изразот кога тоа песната природно го бара, лапидарен и загледан во очите на читателот/слушателот кога поентира, стилски софистициран, разигран во еуфонијата и во внатрешните рими на стихот… и како final touch, духовит како што се духовити само тие што „биле таму“.  

Зачлени се на нашиот е-билтен