Карамбол на политичката сцена под водство на Мицкоски, Ахмети повторно „блеска“

Владините парнтери Мицкоски, Меџити, Таравари, заедно со Ахмети и денеска се прва вест во медиумите. Темпото го диктира лидерот на ДУИ, кој секојдневно обелоденува „тајни“, во врска со својата политичка активност. Денеска ја информира јавноста дека премиерот Христијан Мицкоски пред 100 дена му понудил предвремени парламентарни избори заедно со локалните, но дека подоцна се премислил. Сепак, Ахмети, смета дека ова прашање не го смета за затворено бидејќи и понатаму не исклучува натамошни разговори со Мицкоски.

Во контекст на локалните избори, Ахмети потврди дека имал три средби со Арбен Таравари, но засега не е прецизирана формата на соработката. Не ја исклучи ниту можноста за соработка со СДСМ, особено доколку се одлучи да се трча на двојни избори наесен. Одлуките, како што рече, ќе ги донесат највисоките партиски органи на ДУИ во рок од една недела.

Во меѓувреме Ахмети коментирајќи ја одлуката на Таравари и Алијанса на Албанците да си заминат од Вреди, рече дека конечно сфатил дека „владата била антиалбанска“, но и дека доколку „ДУИ излезе на улица враќање назад ќе нема“.

На ваквата изјава реагираше Вреди. Од таму велат дека Ахмети е дваесет години на власт – но на улица никогаш не бил за народот.

„Сега, кога системот што си го изгради за себе се руши, Али Ахмети плаче за „улицата“, оти му се лизга тронот од раце и лажицата од уста! Каде беше, Али Ахмети, кога во време на твоето владеење со Груевски, Албанците се гушеа по затвори? Никогаш не излезе на улица за својот народ. Но денес, кога се загрозени роднините и другарите од тендерите и милионите – одеднаш ти текна на улицата. Денес, ДУИ се обидува да се претстави како жртва – ама единственото нешто што навистина ги плаши е правдата и гласовите на народот! Тие знаат дека на избори ги чека катастрофа. Затоа шират страв. Затоа повикуваат на бојкот. Народот се разбуди и овојпат ни „улицата нема да го спаси Али Ахмети“, реагираат од Вреди.

И додека Таравари си заминува од Вреди, Мицкоски и понатаму тврди дека односите во коалицијата се одлични. Мицкоски уште и најави дека средба со Таравари сепак ќе има, но не прецизираше кога точно.

Изминатите денови, Таравари рече дека е во постојана комуникација со премиерот и оти очекува да седнат да разговараат за несогласувањата што ги има со коалицијата ВЛЕН, а може да се рефлектираат и на неговото партиципирање во Владата.

Таравари минатата недела рече дека тие ќе излезат од владата само доколку премиерот смета дека не се потребни.

Зачлени се на нашиот е-билтен