Жешка пролет во пресрет на жешка есен: Мицкоски го советува Ахмети да си направел партиски реформи, а утре на средба ќе слушнел што планира Таравари

Жешка пролет во пресрет на жешка есен. Мицкоски и денеска не ја пропушти шансата да одогвори на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смрта на Гоце Делчев. Тој им одговори на лидерите на ДУИ Али Ахмети и на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари.

Првиот, Ахмети, го посоветува да не живее во минатото, туку да гледа во иднината.

„Го слушнав тој брифинг на Ахмети и врз основа на тоа можам да излечам два заклучока, првиот е да дадам еден совет, да гледаме во иднината, а не во минатото. За жал, господинот Ахмети изгледа се уште живее во минатото зашто ако живее во сегашноста, ќе може да направи огромна материјална разлика меѓу минатото и луѓето од минатото и сегашноста во која тој е во опозиција, а околу него има многу милионери кои на грбот на македонските граѓани се збогатија и тоа е основната причина зашто е тој во опозиција“, рече Мицкоски.

Ако е мудар како што се претставува, Ахмети ќе извлече поука и наместо да се заканува, ќе направи структурни реформи, и програмски и кадровски во неговата партија и со нови ликови, нова програма ќе излезе пред македонските граѓани да ја бара довербата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

За помалку од пет месеци, потсети, ќе почне кампања за локалните избори.

„Граѓаните ќе кажат која политичка партија ја заслужува довербата, а која не, кои градоначалници и кои советници, па врз основа на тие резултати понатаму може да носиме заклучоци дали ќе има предвремени избори или не“, нагласи премиерот.

На вториот, Таравари, Мицкоски му порача дека рече дека ќе се сретне утре за слушне за неговото натамошно функционирање во Владата и за евентуална соработка со ДУИ на локални избори. Мицкоски посочи дека за него, е неприфатливо ако Таравари се договара со ДУИ.

„Таква средба ќе има следната недела, мислам дека е утре. Треба да го погледнам распоредот, но мислам дека е утре. На средбата јасно сакам да слушнам став дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини, да не ги шпекулирам имињата, каде што тој ќе извади кандидати, ДУИ нема да има свои кандидати за градоначалници што прво значи себепонижување, како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо“, изјави Мицкоски.

Како колеги во Владата, Мицкоски рече дека со Таравари имал секојдневна комуникација.

Мицкоски информира и дека во втората половина од месецов пред Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со имињата на кандидати за градоначалници за локалните избори во октомври. 

Зачлени се на нашиот е-билтен