Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година денеска им беше доделена на група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, академик и проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, постхумно на проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова за научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотетката-лексички материјали)“.

На доделувањето на наградата во Собранието присуствуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија.
– Научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката-лексички материјали), изработено од група автори, ја отсликува работата на сите претходници и современици, а со тоа исцртува не само слика за лексичкото богатство на македонската дијалектна територија, туку и слика за долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој мошне значаен проект за македонистиката и за славистиката. На добитниците на наградата им упатувам искрени честитки и им посакувам уште поголеми успеси и значајни научни достигнувања во иднина, потенцира министерката за образование и наука, рече Јаневска.
Претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ академик Живко Попов им го врачи признанието на годинашните добитници. Од името на наградените се обрати проф. д-р Веселинка Лаброска, која истакна дека авторите на овој атлас претставуваат пример за сплотеност и соработка меѓу Интитутот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистка (ИЦАЛ) при МАНУ.

Добивањето на ваква престижна награда, како што рече, обврзува да работиме уште посплотено и да покажеме дека тимската работа поткрепена со индивидуална одговорност е вистинската формула за успех, не само во лингвистиката, туку во сите сфери.
– Народот што сам се цени, си го цени најпрво сопствениот јазик, јазикот на кој ги обликува своите мисли и чувства, а потоа ги учи другите јазици. Наш јазик е македонскиот и за нас тој е најубавиот и најбогатиот јазик, потенцира Лаброска.