Мицкоски и Таравари ќе ги продолжат разговорите за функционирањето на АА во Владата

Разговорите помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и лидер на крило на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари околу иднината на функционирањето на АА во Владата ќе продолжат, a исходот треба да се знае месецов. 

Вчерашната средба на Мицкоски и Таравари, закажана по превирањата во коалицијата „Вреди“ и тврдењата за соработка на Таравари со ДУИ, како што брифираа од владината прес-служба за  МИА, поминала во конструктивен дух, а во текот на месецов ќе се знае иднинатата за функционирањето на АА. Од Владата информираа дека премиерот на средбата ги потврдил претходно изнесените позиции.

Со Таравари,  како што рече Мицкоски, во политиката комуницираат долго време и за него како човек има позитивно мислење, но, нагласи  „никого во животот не сум молел, ниту пак имам намера да молам“. 

„Во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш. Тука нема флуидни варијанти. Или имаш или немаш. Или држиш до зборот или не држиш до зборот. Јас мислам дека во неговиот случај најмалку три пати сум покажал и сум го држел зборот“, рече Мицкоски.

 Арбен Таравари пак, вчера  изјави дека остануваат на одлуката донесена на Претседателството на партијата на Локалните избори во октомври да настапат со посебни советнички листи но дека ќе го слушне и ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.

– Тоа што сме го поминале на Претседателство дека Алијанса за Албанците ќе има посебни советнички листи и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде излегуваме. Така што ќе го слушнеме и премиерот и потоа ќе процениме како продолжуваме понатаму, рече Таравари, на новинарско прашање  на настан во  Тетово.

Зачлени се на нашиот е-билтен