Научниците предупредуваат дека светот се приближува до критична точка во борбата со габични инфекции, откако ново истражување покажува дека климатските промени создаваат поволна средина за нивно ширење – дури и во домовите. Еден од најопасните организми во оваа категорија е Aspergillus, вид мувла што може да предизвика сериозни белодробни заболувања.
Оваа габа, која природно се развива во почвата и компостот, сè почесто се открива во домови и болници, особено во подрачја со зголемени температури. Научниците предвидуваат дека до крајот на векот, Aspergillus fumigatus би можел да се прошири на речиси 80% поголема територија отколку денес, предизвикувајќи потенцијален ризик за инфекција кај девет милиони луѓе низ Европа. Особено ранливи се лицата со астма, хронични заболувања на белите дробови и ослабен имунитет.
„Оваа габа лесно преживува на температури блиски до оние на човечкото тело, што ја прави исклучително адаптибилна и опасна“, истакна проф. Елејн Бигнел од Универзитетот во Ексетер. Таа објаснува дека условите што настануваат со климатските промени, особено поради загревање и прекумерна употреба на фосилни горива, создаваат идеален амбиент за нејзино ширење.
Иако Aspergillus се користи во прехранбената и индустриската индустрија (на пример, при производство на соја сос и саке), неговите спори – кога ќе се вдишат – можат да предизвикаат тешки инфекции кај луѓето. Најтешките случаи, како инвазивната аспергилоза, може да завршат фатално ако не се третираат навреме.
Истражувачите предупредуваат и на друг вид, Aspergillus flavus, кој често инфицира земјоделски култури. Се очекува и тој да се прошири во нови подрачја – како северна Кина, Скандинавија, Русија и Алјаска – додека делови од Африка и Јужна Америка би можеле да станат непогодни за негов раст, што може негативно да влијае на локалната храна и еко-системи.
„Се соочуваме со сериозен здравствен и агроеколошки предизвик“, вели проф. Дариус Армстронг-Џејмс од Кралскиот колеџ во Лондон. Според него, Aspergillus претставува закана не само за човековото здравје, туку и за безбедноста на храната во многу делови од светот.