Скандалите со Деталниот урбанистички план на општина Куманово за продажбата на земјиштето на „Лидл“, продолжуваат. Советникот на СДСМ во општина Куманово, Александар Јовановски, го покажа документот кој како што кажа е полномошно со кое кумот на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, Драган Митевски, му дава овластување на „Лидл“ да постапува за измена на ДУП-от. Односно, „Лидл“ во име на Драган Митевски има право да иницира постапка за измена на ДУП во општина Куманово.
„Замислете, Драган Митевски, кум на Максим Димитриевски, преку ноќ купил земјиште од Димитриевски и неговото семејство за 250.000 евра. Неколку дена подоцна, го продал на Лидл за 600.000 евра со што заработил 350.000 евра со нула инвестиција, преку ноќ. Потоа ги овластил купувачите да спроведат постапка за менување на ДУП кај неговиот кум Димитриевски. Постои ли поочигледен судир на интерес и корупција?“, рече Јовановски.
Скандалите како што кажа Јовановски не застануваат тука. Овој ДУП отвора и други прашања кој ја прават продажбата на земјиштето уште поскандалозна и коруптивна. Од СДСМ прашуваат дали постои друг договор помеѓу кумот на Димитриевски, склучен со „Лидл“, во кој тој се обврзува да издејствува измена на ДУП-от во рок од две години?
„Дали е точно дека согласно тој договор, тој иако ги наплатил сите 600.000 евра, смее да користи само 180.000 евра, а останатите 420.000 мора да бидат на сметка и дека ќе може да ги користи дури по реализација на договореното, односно измена на ДУП-от? Нашите информации се дека има и бараме итно и неодложно постапување на институциите на прогонот, ЈО и Антикорупциската комисија. Итно мора да се оформи предмет за овој повеќе од очигледен случај на корупција на Максим Димитриевски“, рече Јовановски.
Од СДСМ порачуваат дека борецот за правда и лутиот ривал на ДУИ, Димитриевски, ниту е борец за правда, ниту се бори против ДУИ и безсрамно ги сруши целосно клучните ветувања пред граѓаните.