Киев ја обвинува Русија за напади, Москва тврди дека го почитува тридневниот прекин на огнот

Кијив гранатирање (принтскрин)

Украина ја обвини Русија за напади „долж целата фронтова линија“ и за кршење на тридневниот прекин на огнот, објавен од рускиот претседател Владимир Путин, додека Москва повтори дека „строго ќе го почитува“ примирјето и дека ќе „одговара“ само на украински напади.

Примирјето, прогласено по повод 80-годишнината од победата над нацистичка Германија, стапи на сила во средата навечер и треба да трае до сабота.

„Според нашите воени податоци, руските сили, и покрај изјавите на Путин, продолжуваат да напаѓаат долж целата фронтова линија“, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, на мрежата X.

Од полноќ, Русија „извршила 734 прекршувања на прекинот на огнот“ и спровела 63 обиди за напад, додаде тој.

Сибига нагласи дека Украина ќе одговори „соодветно на сите напади“ и дека ќе ги информира своите меѓународни партнери со „релевантни информации за руските прекршувања на прекинот на огнот“.

Руската армија денес соопшти дека „строго го почитува“ примирјето и дека нема да изведува никакви воздушни, ракетни, артилериски или напади со беспилотни летала додека тоа трае.

„Руските вооружени сили реагираат симетрично на прекршувањата на примирјето од страна на Украина“, соопшти руското Министерство за одбрана преку Телеграм.

Украинските воздухопловни сили пријавија руски напади со наведувани бомби во североисточна Украина, но истакнаа дека не се регистрирани „лансирања на ракети или употреба на беспилотни летала во украинскиот воздушен простор“.

Зачлени се на нашиот е-билтен