Претставници на САД, Велика Британија и Германија повикаа на решение на политичкиот застој во конституирањето на парламентот и изборот на други институции во Косово произлезени од парламентарните избори од 9 февруари.
Во одговор на коха.нет, портпаролот на амбасадата на САД нагласил дека на Косово му е потребна стабилна влада.
– Народот на Косово треба да одлучи кој ќе ги претставува. Косово е суверена, демократска и независна земја. Одговорност на политичкото раководство е да формира стабилно собрание и влада во согласност со Уставот, рекол тој.
И британскиот амбасадор, Џонатан Харгривс, исто така во писмен одговор повикал на итно формирање на институциите.
– Повеќе од три месеци откако народот на Косово гласаше на изборите, на Косово му е итно потребно функционално собрание и влада. Народот има право да очекува од своите политички лидери да работат заедно во национален интерес, рече Харгривс.
Косово секојдневно губи скапоцено време, констатираат од германската амбасада во Косово, пренесе Бета.
– И ние целосно се согласуваме со она што го рече амбасадорот на ЕУ Орав во својот говор на приемот по повод Денот на Европа: Земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ мора да ја докажат својата способност да се вклучат во дијалог за да постигнат компромис. Ова е секојдневна работа на земјите членки и треба да се спроведува и внатре во земјата меѓу политичките партии, се вели во одговорот на германската амбасада.
Пред неколку дена, германскиот амбасадор, Јорн Роде, рече дека собранието се блокира со тактика на опструкција и дека граѓаните заслужуваат политичари кои државата Косово ја ставаат пред партиската политика.
Денеска, 13-ти пат по ред, ќе се обиде да се конституира новиот состав на собранието. Собранието не се смета за конституирано без избор на претседател и потпретседатели, а без да се помине оваа фаза, роковите за формирање влада не почнуваат да течат.