Камерите за контрола на брзината често предизвикуваат расправи, но во Талахаси на Флорида има една работа што не се оспорува – тие се исклучително исплатливи.
Со само две камери поставени во близина на училишта, градот успеа да го претвори овој едноставен алат за надзор на сообраќајот во значителен извор на приходи.
Во текот на нешто повеќе од месец дена, овие камери „уловиле“ повеќе од 3.000 возачи кои го прекршиле ограничувањето на брзината, генерирајќи казни во вкупен износ од 318.000 долари, пишува CarScoops.
Казните биле издадени од 28 март до 2 мај, а за време на работните денови, камерите во просек „фаќале“ 132 возачи дневно кои возеле побрзо од дозволеното. Секој од нив платил казна од 100 долари.
Ова значи дека само од тие две камери, градот заработувал во просек 13.200 долари дневно. Не лошо за два уреда поставени на патот.
Интересно е што целиот износ не оди директно во државната каса. Околу 21 долар од секоја казна оди кон компанијата која ги одржува камерите, додека остатокот се распределува меѓу различни државни и градски програми.
„Првично ќе ги покриеме трошоците за самата инвестиција, а остатокот ќе биде насочен кон други потреби“, велат официјалните лица.
Ако возачите не успеат да забават, можеби ќе донесат милиони долари годишно за градскиот буџет. Во план е инсталирање на уште 23 камери до крајот на годината.
Според податоците за април, овие камери можат да издадат до 40.000 казни месечно, што би резултирало со околу 1,5 милиони долари месечно или 18,6 милиони долари годишно. Јасната порака е: успори или плати.
„Долгорочно, мислам дека ова ќе биде огромен успех за нас во превенција од брза возење која може да ги повреди децата, школските чувари, наставниците или родителите“, изјави мајор Џеф Махони од полицијата на Талахаси за Tallahassee Democrat.
Неговите зборови имаат тежина. Секој од возачите на кои им биле издадени казни возел најмалку 11 милји на час над дозволеното. За време на работните денови, ограничувањето е обично 15 или 20 милји на час, што значи дека возење од 31 милја на час веќе ќе ја активира камерата.
Еден возач бил забележан како вози дури 73 милји на час.