Во Будимпешта денес започна Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Европската унија, насловена како „Европска иднина“.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Западот ја изгубил стратегијата против Русија, санкциите не успеале, а Русија го спречила членството на Украина во НАТО.
„Никој не се осмелува да го признае тоа, но ние ја изгубивме оваа војна“, изјави Орбан, додавајќи дека руската економија не пропаднала, пренесе агенцијата MTI.
Според Орбан, светот влегува во фаза на длабока трансформација, споредлива со создавањето на националните држави и Вестфалскиот мир. Тој смета дека менталитетот на Западот се менува, а Европа не е подготвена да одговори на новите предизвици.
„Сакаме да ги решиме проблемите на следната деценија со одговори од претходната. Но, старите вистини веќе не важат – светот се промени, а ние, Европејците, не успеавме да се прилагодиме“, рече Орбан.
Тој предупреди дека Европа продолжува со војната како да е можно да победи, наместо да се соочи со реалноста и да бара излез преку дипломатија.
Во говорот Орбан спомена и дека во САД дуваат „нови ветрови“ – програмата на прогресивниот либерализам, според него, е пропадната и е заменета со „патриотска политика“, што, како што рече, ќе има сериозни меѓународни последици.
Орбан посочи и на технолошкиот и индустриски напредок на Кина, која сѐ повеќе станува глобален конкурент.
Конференцијата во Будимпешта е највисок форум за меѓупарламентарна соработка во ЕУ. Присуствуваат претседателите на 27 национални парламенти, како и претседателот на Европскиот парламент. Од Србија присуствува Ана Брнабиќ.
Орбан повика на стратешка дебата за две теми: заштитата на националниот суверенитет и членството на Украина во Европската унија.