Зелената транзиција ќе почека – ЕСМ подготвува нов рудник за јаглен во Живојно

Живојно би можело да стане нов енергетски ресурс на Северна Македонија. Министерството за животна средина и просторно планирање денеска во Новаци одржа јавна расправа по студијата за оценка на влијанието врз животната средина за проектот „Експлоатација на јаглен од наоѓалиштето Живојно со површинска технологија“.

Наоѓалиштето, според истражувањата, располага со приближно 24 милиони тони јаглен. Со негово активирање, ЕСМ ќе може целосно да ги покрие потребите за јаглен од сопствени извори, заменувајќи го скапиот увозен јаглен кој сега се користи во РЕК Битола.

Според Тони Ангелески, помошник-директор во секторот за развој, инвестиции и проектирање во РЕК Битола, експлоатацијата ќе се одвива во две фази во вкупно седум години – три години подготвителни работи и четири години искористување на откриениот јаглен.
– Квалитетот на јагленот е подобар од увозниот, а проектот се совпаѓа со фазата на напуштање на производството на електрична енергија од нееколошки извори, рече Ангелески.

По исцрпување на резервите, дел од земјиштето ќе биде вратено во првобитна состојба, додека на другите површини ќе се преземат мерки за еколошка санација.

Од ЕСМ најавуваат и процес на експропријација на дел од земјиштето, а со отворањето на современ рудник, набавката на јаглен од странство ќе престане. Со тоа, потребите на РЕК Битола ќе се покриваат исклучиво од домашно производство, што ќе влијае и на намалување на трошоците за електрична енергија.

Проектот е оценет како стратешки чекор за стабилно снабдување со струја до комплетната транзиција кон зелени извори на енергија.

Зачлени се на нашиот е-билтен