Лидерот на Беса Билал Касами изјави дека во Владата имало разговори какви комбинаторики да се направат во однос на министерските места што би се испразниле со заминувањето на АА и Арбен Таравари во опозиција. Таравари, кој е министер за здравство, вечерва најави дека тој и АА излегуваат од Владата и дека преминуваат во опзиција.
Касами, кој е еден од лидерите во Влен, дел од владејачката коалиција, во интервју за „360 степени“ рече дека не ја исклучува можноста Влен да го даде Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор. Неофицијално, според „360 степени“ се разгледува можноста ресорот образование да му припадне на Влен, а со здравството да раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
Кога веќе беше јасно дека Арбен Таравари си заминува од Владата, во политичките кругови започна да се лицитираат имињата за можен кандидат за оваа позиција. Име кое доминираше е она на Сашо Клековски, актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување.
На прашањето, дали тој најавува реконструкција на Владата, Касами вели дека е можно, но не во пошироки размери.
-Ние со премиерот, односно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, преговаравме како ВЛЕН и договорот е меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ за составување на Владата. На последните средби со премиерот уште еднаш е потврдено дека остануваме на истите заложби. Значи, договорот останува меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и остануваат сигурни позициите на ВЛЕН. Реконструкција ќе има, но Не во пошироки размери, но во некои комбинаторики сигурно ќе има, рече Касами.