Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Стокхолм, остварил средба со министерката за европски прашања на Шведска, Џесика Розенкранц. Во фокусот на разговорите биле евроинтеграцискиот процес на државата, поддршката од Шведска во овој процес, како и реформските процеси во земјата.
На средбата, како што денеска соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски изразил благодарност за континуираната и принципиелна шведска поддршка за процесот на проширување на Европската унија, со посебен акцент на заложбите за целосно пристапување на Северна Македонија и останатите земји од Западниот Балкан. Тој ја истакнал шведската посветеност на политиката на проширување како клучен фактор за интеграцијата на регионот.
Министерката Розенкранц нагласила дека Шведска останува силен поддржувач на проширувањето на Унијата и додала дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат партнерските земји, како Република Северна Македонија, со која имаат одлични билатерални односи. Во контекст на силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат, таа ја истакнала и важноста на реформската агенда и Планот за раст.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски остварил и средба со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија на Шведска, Хакан Јеврел.
– Фокусот на средбата беше ставен на унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји, можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, како и справување со актуелните економски предизвици.