Електронскиот Start-Stop систем, кој автоматски го гаси и пали моторот на автомобилот кога возилото мирува, би можел наскоро да стане минато во САД. Овој систем, кој стана речиси задолжителен во модерните автомобили поради неговите наводни еколошки придобивки, се најде на удар на новата администрација на Трамп која го смета за непотребен и непрактичен.
„Тоа е потполно бесполезно“, рекле.
Системот е дизајниран за да ја намали потрошувачката на гориво и емисијата на CO2 така што автоматски го гаси моторот кога автомобилот стои, на пример, на семафор кога е црвено светло. Кога возачот ќе го притисне квачилото или гасот, моторот повторно се пали.
Популарноста на функцијата Start-Stop драстично се зголеми последниве години. Податоците покажуваат дека во 2016 година била присутна во само 9 проценти од автомобилите, додека во 2023 година овој број скокнал на дури 65 проценти од возилата на пазарот.
Ли Зелдин, лидер на Американската агенција за заштита на животната средина (EPA), најави на социјалната мрежа X дека администрацијата на Трамп планира да ги промени правилата поврзани со оваа технологија.
Администрацијата на Трамп започнува борба против непотребните прописи
„Start-Stop технологија: каде што вашиот автомобил се гаси на секое црвено светло за да компаниите добијат трофеј за учество во борбата против климатските промени. EPA тоа го одобри, а сите го мразат, па ние тоа го поправаме“, напиша Зелдин.
Оваа најава доаѓа по ветувањето на претседателот Трамп да ги укине непотребните намети и прописи. Една од неговите извршни наредби од јануари пропишува дека агенциите како EPA мора да укинат најмалку 10 прописи за секој нов што ќе го воведат.
Start-Stop системот првпат го воведе компанијата Toyota уште во 1970-ите години, а со текот на времето стана се почест стандард како што се заоструваа еколошките мерки за емисиите на возилата. Многу возачи, сепак, се жалат на неудобноста на системот, вклучувајќи ја трзавицата при повторното палеење на моторот, одложеното реагирање при потребата за брза акцелерација и потенцијално дополнително трошење на моторот поради често палеење и гасење.
Оваа одлука би можела значително да влијае на автомобилската индустрија и идните стандарди за ефикасност на горивото, но и да предизвика дебати меѓу заговорниците на заштита на животната средина и оние кои сметаат дека одредени еколошки мерки се премногу наметливи за секојдневните корисници.