Германското федерално државно обвинителство објави дека тројца државјани на Украина се уапсени под сомнение за планирање напади врз транспорт на стоки во Германија по налог на Русија. Поточно, тие имале намера да испратат пакети со експлозиви кои требало да бидат активирани за време на транспортот од Германија до адреси во Украина.
Едно од уапсените лица предало два пакета во поштата во Келн во март за да ги тестира плановите. Двајца осомничени беа уапсени минатата недела во Германија, а третиот овој вчера, на 13 мај, во Швајцарија.
Експертите веќе долго време предупредуваат за опасноста од руска шпионажа и саботажа. На пример, минатиот јули, пакет се запали во логистичкиот центар на DHL во Лајпциг, кој во тој момент требало да биде во авион. Доколку пожарот избувнал за време на летот, како што очигледно било планирано, можело да се случи авионска несреќа. Германските разузнавачки служби претпоставуваат дека оваа саботажа била планирана во Русија.
Покрај тоа, потпретседателот на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок, Синан Селен, предупреди за речиси секојдневните летови на беспилотни летала над воени објекти и компании за кои се претпоставува дека станува збор за шпионажа.