По смртта на папата Франциск во април, апартманите во рамки на Апостолската палата беа запечатени, како дел од ритуалот што симболизира дека Светиот престол е празен и ги заштитува неговите лични документи. Во неделата тие печати беа отстранети – можен сигнал дека неговиот наследник, папата Лав XIV, е подготвен да се всели.
Лав XIV моментално живее во станот во кој престојувал како кардинал – во палатата Сан Уфицио. Засега не е потврдено дали ќе го следи примерот на Фрањо, кој одби да живее во традиционалните апартмани и избра скромна гостинска куќа, или пак ќе се пресели во просторот што столетно бил симбол на папската власт.
Апостолската палата датира од 15 век и вклучува канцеларии, библиотеки, музеи и прочуената Сикстинска капела. Апартманите се наоѓаат на третиот кат, во делот познат како „Трета ложа“, каде што мурали со географски карти го украсуваат ходникот кој води кон резиденцијата.
Самиот апартман има десетина простории – приватна капела, дневна, работна и спална соба со пишувачка маса од 18 век, кујна, па дури и медицинска клиника за итни интервенции. Во близина се наоѓа и прочуената библиотека во која папите традиционално примаат светски лидери.
Скромност или традиција?
Во неделата, папата Лав XIV го посети апартманот што може да стане негов нов дом. Според италијанскиот весник Corriere della Sera, просториите се пространи, но не се раскошно уредени како некои други делови од палатата. Дел од нив веројатно ќе бидат реновирани пред евентуалното вселување.
Апартманот има и висечки градини, како и сместување за германскиот бенедиктински ред на сестри кои се грижат за Префектурата на папскиот дом. Дел од комплексот е и тениски терен, поставен во времето на Јован Павле II, кој бил љубител на спортот. Во летната резиденција Кастел Гандолфо тој изградил и базен – нешто дотогаш незамисливо за еден папа.
Папа блиску до народот
Иако традицијата наложува папата да живее во апостолските апартмани, Лав XIV засега останува во својот стар стан. Неговата неодамнешна изјава за Vatican News укажува на можен континуитет со скромноста на Фрањо:
„Еден бискуп не треба да биде мал принц кој седи во своето кралство, туку да биде искрено повикан на скромност, близок со народот што го служи, да оди со нив и да страда со нив.“
Дали новиот папа ќе остане верен на ова начело или ќе се врати на вековната традиција – останува да се види.