Кај комшиите политички раскол за еврото: Претседателот повика на референдум, парламентот вели „не“


Претседателот Румен Радев предложи референдум за воведување на еврото во 2026 година, но бугарскиот парламент, повикувајќи се на уставни пречки, ја отфрли иницијативата. Владата во Софија продолжува со плановите да премине на еврото уште во јануари доколку добие зелено светло од Брисел.

Претседателката на бугарскиот парламент Наталија Киселова го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев за организирање референдум за воведување на еврото, наведувајќи дека тоа е спротивно на Уставот, јави бугарската новинска агенција БТА.

Радев предложи идната година да се одржи референдум за воведување на еврото.

„Дали се согласувате Бугарија да воведе единствена европска валута еврото во 2026 година?“, би било прашањето поставено на референдумот.

Владата го критикуваше, а еден министер рече дека тоа е обид да ги саботира нејзините напори за воведување на еврото.

Отфрлајќи го предлогот, Киселова рече дека тој не е во согласност со неколку членови од бугарскиот устав и договорите на ЕУ, како и со одлуката на бугарскиот Уставен суд

Бугарскиот Уставен суд веќе го отфрли барањето за организирање референдум за воведување на еврото.

Бугарската влада планира да го воведе еврото во јануари, доколку Европската комисија и Европската централна банка во јуни оценат дека земјата ги исполнила сите критериуми.

Зачлени се на нашиот е-билтен