Животот за Германците станува сè поскап, четвртина од платата ја трошат на домување

Многу граѓани на Германија имаат чувство дека животот станува сè поскап – и тоа чувство сега е потврдено и со официјални податоци.

Партијата БСВ (Сојузот на Сара Вагенкнехт) побара од Сојузниот завод за статистика да ги обработи податоците на европската статистичка агенција Евростат за трошоците за домување. Резултатите покажуваат дека Германците во просек трошат секој четврти евро од своите приходи на кирија и други трошоци за живеалиште.

„Домувањето во однос на приходите речиси никаде во Европа не е толку скапо како во Германија“, критикува БСВ.

Според податоците, во 2024 година Германците трошеле 24,5% од своите приходи на домување – што е 5,3 процентни поени повеќе од просекот на ЕУ, кој изнесува 19,2%.

Особено погодени се лицата изложени на ризик од сиромаштија – тие трошеле дури 43,8% од своите приходи за домување, што значи речиси секој втор евро им одел за стан.

Во други земји е поевтино

Во Франција, Австрија и Холандија трошоците за домување се значително пониски, а најниски биле на Кипар (11,4%), Малта (12,5%), Италија и Словенија (по 13,6%).

Поголем удел на трошоци за домување од Германија имаат Данска (26,3%) и особено Грција (35,5%), покажува статистиката за 2024 година.

„Домувањето во Германија претставува програма за осиромашување за голем дел од населението“, изјави Сара Вагенкнехт за АФП.

Таа нагласува дека искуствата од земји како Франција или Австрија покажуваат дека може да се организира и поинаку, со помали трошоци за стан.

Вагенкнехт побара воведување горна граница за кириите на национално ниво и зголемување на уделот на непрофитниот сектор во пазарот на домување.

Зачлени се на нашиот е-билтен