Една од разузнавачките служби на Латвија ги предупреди граѓаните дека меѓу нив можеби делуваат руски шпиони и саботери, и објави практичен водич за нивно препознавање.
Како што пренесува The Guardian, во својот годишен извештај Латвиската служба за одбранбено разузнавање и безбедност (MIDD) упати совети до речиси два милиони жители како да препознаат евентуални оперативци испратени од Русија.
Знаци на сомнително однесување
Некои од индикаторите на кои граѓаните треба да внимаваат се: неуреден изглед, недоволна лична хигиена, прекумерна љубопитност кон локалното население, кратки војнички фризури или туристи кои не го познаваат теренот, но носат несоодветно голема количина опрема за преживување – како што се специјализирани медицински комплети, мапи или радио-приемници.
Според MIDD, овие знаци може да укажуваат на оперативци кои го набљудуваат критичниот инфраструктурен и воен капацитет на Латвија, со цел саботажа, планирање на целни напади или предизвикување нереди.
Сѐ попрофесионални и потешко препознатливи
Службата предупредува дека руските агенти станале попрофесионални и подобро обучени за маскирање, што отежнува нивна идентификација.
„Искуството од Украина покажува дека руските специјални служби се адаптираат на средината и условите во кои делуваат нивните извидувачки и саботажни групи. Нивните членови можеби нема визуелно да одговараат на класичниот профил на саботер“, се наведува во извештајот.
Агентите може да се претставуваат како хуманитарни работници или да кампуваат во оддалечени области во близина на чувствителни локации, без да покажат интерес за природата, што е уште еден можен знак на сомнеж.
Граѓаните да не преземаат самостојни акции
MIDD апелира до граѓаните да не преземаат самостојни мерки против осомничени лица, туку да ги известат надлежните органи. Полицијата и војската се најдобро опремени за постапување во вакви случаи.
Латвиската јавна телевизија пренесе дека безбедносните служби веќе издавале слични, но покусо формулирани упатства по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Растечка закана од руска саботажа
Во контекст на зголемените тензии меѓу Русија и Западот, земјите членки на ЕУ и НАТО се во состојба на зголемена будност поради опасност од руска саботажа – особено поради бранот кибернапади, пожари и оштетувања на подводни комуникациски кабли. Москва ги отфрла обвинувањата.
Хибридна војна: случајот во Германија
Германските федерални обвинители вчера соопштија дека тројца украински државјани се уапсени под сомнение дека планирале напади со пакет-бомби во Германија во име на Русија.
Во јули 2023 година, три одвоени експлозии на поштенски пакети – испратени од Литванија и детонирани во Бирмингем, Лајпциг и во близина на Варшава – предизвикаа сериозна загриженост меѓу европските безбедносни агенции. И во овие случаи, сомнежите беа насочени кон Русија.
„Не сме во војна, но веќе не сме ни во мир“
По најновиот случај, германскиот министер за внатрешни работи на покраината Баден-Виртемберг, Томас Штробл, изјави дека откривањето на заговорот било „тектонски земјотрес“ за безбедносниот систем.
„Мораме да се прилагодиме на новите ризици. Не сме во војна, но веќе не сме ни во мир“, рече Штробл.