Миланскиот обвинител Паоло Сторари поднесе барање модната компанија „Valentino Group“ да биде ставена под судска управа поради експлоатација на вработените и загрозување на безбедноста при работа, што судот го прифати.
Во барањето, обвинителот навел дека компанијата стекнала „голема економска корист“ преку активности на кинески претприемачи кои „во голема мера ги експлоатираат своите сонародници“, при што нивната безбедност е доведена во прашање поради „отстранување на безбедносни уреди од машините и неправилно складирање на хемиски и запаливи материјали“.
Судиите го прифатија барањето, а Одделението за превентивни мерки при судот во Милано соопшти дека добавувачите на брендот целосно ги избегнуваат плаќањата на директни даноци, како и давачките поврзани со вработените, вклучувајќи придонеси и осигурување од повреди, пренесува RAI.