Добрите стари DSL-врски се при крај. Ако плановите на Европската комисија успеат, до 2030 година ќе се затвори бакарната мрежа преку која DSL интернетот досега стигнуваше до милиони домови во Европа, пишуваат германските медиуми.
Целта е амбициозна – особено ако се земе предвид дека до крајот на 2024 година, само околу 47 отсто од германските домаќинства имале оптичка интернет-врска, а само 19 отсто од зградите биле технички подготвени за нејзино веднаш користење без дополнителни инвестиции, пренесува Fenix magazin.
Во Германија моментално има околу 24 милиони DSL корисници, многу од нив во рурални средини каде што оптичкиот интернет сè уште не е достапен. Сепак, индустриските здруженија веќе повикуваат на постепено исклучување на бакарната мрежа на сите места каде што веќе се поставени оптички влакна – со цел да се забрза транзицијата.
Сепак, Дојче Телеком смирува – портпаролка на компанијата изјави дека нема конкретни планови за исклучување на бакарната мрежа, ниту на национално, ниту на регионално ниво.
„2030 година е визија за иднината за која сè уште се дискутира во Брисел. Во Германија не постои правна рамка што бара затворање на бакарната мрежа до таа година“, велат од Телеком.
Според германската мрежна агенција, оптиката е неизбежна иднина, но до нејзиното целосно воведување ќе поминат уште неколку години. На нивната официјална веб-страница, 2030 година е наведена како целна година, но не и како задолжителен рок.
