Црна Гора се приклучи кон Програмата на ЕУ за животна средина и климатски акции (ЛИФЕ), со што таа ќе може да користи европски средства за проекти поврзани со заштитата на климата и биодиверзитетот, поддршка на циркуларната економија и со транзицијата кон чиста енергија.
- Програмата ЛИФЕ ќе поттикне проекти во Црна Гора, на пример за подобрување на управувањето со отпад, зголемување на енергетската ефикасност, подобрување на отпорноста на водата и поддршка на развојот, следењето и спроведувањето на законите и стратегиите што придонесуваат за спроведување на политиките на ЕУ за животната средина, енергијата и климата, информира ЕК.
Договорот за приклучување на Црна Гора кон ЛИФЕ го потпишаа комесарката за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија Јесика Росвал и црногорскиот министер за екологија и одржлив развој Дамјан Чулафиќ.
- Со задоволство ја поздравуваме Црна Гора во семејството на ЛИФЕ. Ова приклучување означува важен чекор напред во нашата соработка по прашања поврзани со животната средина и климата, рече Росвел.
Според неа, на овој начин ќе и се помогне на Црна Гора во справување со предизвиците и исполнување на еколошките стандарди на ЕУ, што е од суштинско значење на нејзиниот пат кон членство во Унијата и кон унапредување на транзицијата на земјата кон чиста енергија.
Црна Гора е петта земја што не е членка на ЕУ која е се приклучува кон програмата ЛИФЕ по Северна Македонија, Исланд, Молдавија и Украина.
Врз основа на Договорот, субјекти од Црна Гора ќе можат да почнат да аплицираат за поддршка уште на конкурсите на ЛИФЕ за 2025 година.