Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), најголемиот индустриски инвеститор на Западен Балкан, денеска во Скопје го претстави својот годишен Извештај за транзицијата 2024-2025, под наслов „Навигација во индустриските политики“. Извештајот се фокусира на современите индустриски политики и нивната улога во справување со пазарните неуспеси, климатските предизвици и геополитичките тензии во регионите каде што ЕБОР е активна, но и пошироко.
Иако ваквите политики традиционално се применуваат во економии со високи приходи, извештајот покажува дека тие сѐ почесто се користат и во земји со послаб административен и фискален капацитет. Со користење на нови бази на податоци, ЕБОР дава слика за тоа како индустриските политики можат да се подобрат и адаптираат, нагласувајќи неколку принципи кои ја зголемуваат нивната ефикасност.
На настанот се обратија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, претставникот на ЕБОР за Северна Македонија, Фатих Туркеменоглу, главниот регионален економист Питер Табак, како и главниот економист за глобални економии при ЕБОР, Жока Коцан, кој го презентираше извештајот.
Зони со високи резултати, но слаба вмреженост со локалната економија
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека слободните економски зони се една од главните алатки на индустриската политика во Северна Македонија, и дека досега имаат постигнато значајни резултати:
привлечени се над 1 милијарда евра странски инвестиции во последните десет години,
зоните учествуваат со околу 50% од вкупниот извоз,
резиденти се некои од најпродуктивните фирми во земјата,
позитивно влијаат врз билансот на плаќања, со нето девизен прилив од 17,8% од БДП (2014–2023).
Сепак, таа предупреди дека придобивките би можеле да бидат далеку поголеми ако се засилат врските меѓу странските инвеститори и домашните компании.
„Во моментов, фирмите во слободните зони ги покриваат само 10% од своите потреби преку македонски добавувачи. Потребен е поголем трансфер на знаење и технологија кон локалната економија,“ истакна Ангеловска-Бежоска.
Зелената транзиција и инклузивниот раст во фокус
Фатих Туркеменоглу ја пофали Северна Македонија за „импресивниот напредок“ во спроведување на зелена транзиција, развој на инфраструктура и зголемување на пристапот до финансирање за компании и граѓани.
„Овие успеси се резултат на силно партнерство со локалните институции, донатори и приватниот сектор. Новата петгодишна стратегија на ЕБОР (2025–2030) се фокусира на регионална интеграција, одржлива инфраструктура и поконкурентна и инклузивна економија,“ нагласи Туркеменоглу.
Тој додаде дека целта на инвестициите на ЕБОР е да се создадат услови кои ќе ги охрабрат граѓаните да ја градат својата иднина дома – преку поддршка на вклучувачкиот раст и ублажување на демографските предизвици.
ЕБОР со стабилно присуство во земјата
ЕБОР е еден од најзначајните инвеститори во Северна Македонија, со досега вложени 2,9 милијарди евра во 198 проекти, покривајќи сектори како енергетика, транспорт, водоснабдување, дигитализација и финансиска инклузија.