Власта ги менува најавите за финансирање на „Чебрен“ и „Галиште“, а проектите сè уште немаат затворена финансиска конструкција и се далеку од изградба, обвини пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи. На собраниската расправа тој најави дека ќе ја поддржи интерпелацијата за министерката за енергетика Сања Божиновска.
Битиќи потсети на најавите дека хидроцентралите ќе се градат преку британскиот финансиски аранжман, на ветувањето на Божиновска дека ќе се разјасни моделот на реализација, а потоа и на разговорите за финансирање преку Американската развојна финансиска корпорација. „Сè уште немаат затворена финансиска конструкција и далеку се од започнување на изградбата“, рече тој, обвинувајќи ја власта дека не го искористува енергетскиот потенцијал на државата.
Пратеникот побара проверка и на информации дека на сопственици на фотоволтаични електрани, во часовите на најголемо сончево производство, им се нуди откуп по нула евра за мегават-час, додека истата струја потоа се продава во соседна држава по цена над 30 евра. Нагласи дека овие наводи треба да се проверат преку конкретни договори и трансакции.
Битиќи побара да се утврди дали меѓу компаниите што заработуваат од ваквите услови има фирми поврзани со функционери на ВМРО-ДПМНЕ и дали тие врски влијаат врз постапувањето на институциите. Побара и јавни податоци за барањата за приклучување на електроцентрали, трошоците за инвеститорите и причините за доцнењата.
Тој ги оцени како позитивни отворањето на внатрешниот пазар и започнатата проверка на законското усогласување за поврзување со европскиот пазар, но порача дека тоа сè уште не е завршена интеграција. Според Битиќи, успехот на енергетската транзиција треба да се мери преку сметките на граѓаните, конкурентноста на компаниите и положбата на работниците.

