Граѓаните од четврток, 29 октомври, ќе можат да пристапуваат до основните податоци од личната карта и возачката дозвола преку мобилен телефон, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Апликацијата официјално ќе биде промовирана в среда, на 28 октомври.
Според Андоновски, електронскиот паричник ќе им овозможи на корисниците сами да изберат кои лични податоци ќе ги споделат при идентификација, без да ја покажуваат целата содржина на документот.
Размената ќе се врши преку еднократен QR-код. Другото лице ќе ги добие избраните податоци само со дозвола на корисникот, а кодот ќе истекува по 10 до 15 секунди и нема да може повторно да се употреби, објасни министерот.
Андоновски го претстави воведувањето на апликацијата како прв чекор кон европски дигитален паричник. Најави дека со нејзиниот натамошен развој ќе се додаваат нови документи и услуги.
