Германија повторно протерува повеќе луѓе, повеќето депортирани во Турција, Грузија и Србија

Во текот на 2024 година од Германија биле депортирани 20.100 лица, а во првите три месеци од годинава – 6.151 лице. Ова се податоци од одговорот на германската федерална влада од 20 мај на прашање поставено во Бундестагот од опозициската партија Левица.

Во првиот квартал од оваа година, најмногу лица (502) беа депортирани во Турција. Потоа следуваат Грузија (454), Франција (333), Шпанија (325) и Србија (291), пишува Дојче веле. „Даблинските трансфери“ вклучуваа 1.715 депортации, што значи дека луѓето се враќаат во други земји од ЕУ кои според Даблинската регулатива се одговорни за спроведување на азилните постапки.

Нешто повеќе од една третина од депортациите беа извршени преку скапи чартер летови. Колективните депортации во Пакистан беа посебно скапи и одземаа многу време – трошоците изнесуваа 462.000 евра. Летовите за депортација до Етиопија чинеле 418.000 евра, а оние до Нигерија, Гана и Камерун 380.000 евра. Сепак, дел од трошоците ги покрива европската агенција за заштита на границите, Фронтекс.

Ќе има повеќе депортации

Репатријациите од јануари до март беа под надлежност на претходната германска влада. Христијанско-демократските партии ЦДУ и ЦСУ, кои заедно со социјалдемократите (СПД) формираат нова влада во Берлин, објавија дека ќе го зголемат бројот на репатрирања.

Во меѓувреме, претставничката на Левицата, Клара Бингер, го критикува начинот на спроведување: „Знам за неколку депортации во кои полицијата дејствуваше брутално и без никаква емпатија. Говориме за семејства што беа ладнокрвно разделени и за болни лица кои буквално беа киднапирани од болницата и однесени на лет за депортација“, рече Бингер.

„Принципот изгледа дека е: можете да направите речиси сè со луѓето што се принудени да ја напуштат земјата“, заклучи политичарката од опозициската Левица.

Зачлени се на нашиот е-билтен